Малта, малиот остров помеѓу Италија и Северна Африка несомнено живее од туризам – повеќе од 27% од економијата на островот припаѓа на туристичката индустрија, а во 2020 година бројот на странски посетители опаднал повеќе од 80% во споредба со 2019 година. Па затоа, не зачудува одлуката на Малта за привлекување на странски туристи – со плаќање на дел од нивните трошоци.
Малта која ја има една од највисоките стапки на вакцинирани жители во Европа (42% вакцинирани барем со прва доза), очекува ограничувањата за патувања поврзани со Covid-19 да се укинат на 1 јуни.
Властите на Малта донесоа одлука со која на странските туристи ќе им се исплаќа одреден паричен надомест, чиј износ ќе зависи според тоа во каков хотел сте сместени и само ако престојувате минимум 3 ноќи и тоа во хотели со 3, 4 или 5 ѕвезди.
Единствен услов е престојот во хотелот да го резервирате директно преку хотелот, бидејќи на тој начин се избегнува плаќање на провизија на туристичките агенции и интернет платформите за букирање, која може да изнесува и повеќе од 20%. Паричниот надомест ќе го исплаќаат директно хотелите на туристите.
Паричен надомест:
* 100 евра по лице за престој во хотел со 5 *
* 75 евра по лице за престој во хотел со 4*
* 50 евра по лице за престој во хотел со 3*
- Туристите кои ќе се сместат во хотели на островот Гозо ќе добијат дополнителни 10% на горенаведените износи.
Ова започнува да важи за сите туристи кои ќе пристигнат на Малта од јуни 2021 година, а вкупен буџет за оваа намена е 3.500 000 евра. Властите на Малта се надеваат дека на овој начин ќе привлечат и исплатат повеќе од 35.000 туристи.