Во зависност од тоа колку време треба да поминете на аеродром помеѓу два лета, наместо да чекате во транзит зоната, може да прошетате низ градот. Овие 6 аеродроми ви нудат бесплатни градски тури:

  1. Аеродромот во Тајпеј, Тајван (Taoyuon International Airport)

Ако имате најмалку осум часа за чекање на наредниот лет, можете да го искористите времето и да прошетате со една од двете бесплатни тури кои ги организира аеродромот. Турата А е за посета на храмот Zushih и посета на продавница за керамика, а турата Б е брза и кратка посета на најпознатите места во градот, воопшто и во Тајван, како што се највисоката зграда во Таjван – Taipei 100 и меморијалниот споменик Chiang-Kai Memorial hall.

Како да резервирате: Кога ќе пристигнете во главната сала за Пристигнувања, пријавете се во Центарот за туристички услуги. Обезбедување на место е по принципот на прв дојден-прв услужен, а турите ги има два пати во денот , од 8:15 и од 13: 45 часот.

 

2. Аеродромот во Амстердам, Холандија (Schiphol Airport)

Ако имате повеќе од шест часови за чекање во Амстердам, не грижете се ако летате со KLM. Можете да се пријавите за бесплатна програма, каде ќе пополните пријава во која ќе наведете кои се вашите интереси (мода, храна, технологија и сл.).  KLM ќе ви предложи тура со водич на англиски јазик која ќе ги вклучи вашите интереси, при што ви следува бесплатен автобуски билет од и до аеродромот и купон за бесплатна пијачка во локал во центарот на градот.

Како да резервирате: При купување на авионска карта од KLM со менување на авион во Амстердам, ќе ви стигне маил во кој ќе ве прашаат дали сакате да резервирате ваква градска бесплатна тура.

 

3. Аеродромот во Сингапур (Changi Airport)

Аерoдромот Changi во Сингапур самиот по себе е атракција и треба убаво да се прошета, бидејќи има интересни содржини,како Градина за пеперутки, соба за видео игри, столици за бесплатна масажа и сл.), но ако имате најмалку шест слободни часови помеѓу два лета, може да се приклучите на една од двете бесплатни градски тури. Едната тура е за разгледување на градските знаменитости, како што се Merlion и Gardens by the Bay, додека втората тура е за посета на интересни населби, како Little India и Kampong Glam.

Како да резервирате: Одете во Трансфер салонот Ф на Терминал 2 или во Трансфер салонот А на Терминал 3.  Првата тура ја има четири пати во денот, од утро до попладневните часови, а втората тура ја има два пати во денот и тоа навечер, за да се фати зајдисонцето. Местата се пополнуваат по принцип прв дојден- прв услужен.

 

4. Аеродромот во Солт Лејк Сити, САД (Salt Lake City airport)

Овој аеродром е главна појдовна точка за трансконтиненталните  летови на САД и секогаш е преполн со патници кои го чекаат својот следен лет. Па затоа, ако имате минимум два слободни часа, аеродромот нуди бесплатна тура со посета на Тemple Square area во центарот на градот и Црквата Jesus Christ of Latter Day Saints или кратка прошетка во градскиот парк и посета на Музејот на современа уметност на Јута.

Како да резервирате: Отидете до еден од двата информативни пулта каде ќе ви дадат брошура со распоред на турите, а вработениот на пултот ќе ви покаже каде се чека превозот за следната тура.

 

5. Аеродром во Токио, Јапонија (Narita Airport)

Овој аеродром нуди две различни, бесплатни тури во Токио. Првата тура е разгледување на градот со водич, која вклучува прошетка низ Тако и Шибајама, прошетка низ шума или посета на Музејот за аеронаутика. Втората тура е шопинг тура, со посета на еден шопинг центар  до кој се стигнува со воз.

Како да резервирате: На аеродромот има посебен дел со пулт за овие тури, кој се наоѓа на Терминал 1Ф во главната, централна зграда.

 

6. Аеродром во Сеул, Јужна Кореа (Incheon Airport)

За да искористите бесплатна прошетка низ Сеул, потребно ви е да имате на располагање најмалку еден час и за тоа време може да посетите некој храм или да го почувствувате духот на градот со прошетка по неговите улици. Турите вклучуваат и водич на англиски јазик.

Како да резервирате:  Во зависност од тоа кој гејт (порта) ви е поблиску, одете на пултот кој се наоѓа помеѓу 25-от и 29-от гејт или пултот кај 8-от гејт.