Авионските компании се навикнуваат на новата реалност со пандемијата од Covid-19, па така некои од авиокомпаниите веќе имаат нови униформи за кабинскиот екипаж во авионите, прилагодени на заштитните мерки против вирусот.
Овој пат не се работи за гламурозни, дизајнерски униформи, кои најчесто се престиж помеѓу авиокомпаниите, овој пат функционалноста и здравјето се ставени пред модата.
“AirAsia” ги претстави своите нови, заштитни униформи, дизајнирани од филипинскиот моден дизајнер Puey Quinones. Униформите се во стандардната црвена боја, која е заштитен знак на оваа авиокомпанија и содржат лична заштитна опрема (PPE) во форма на капа, ракавици, маска и штитници/визири за лице.
Овие униформи биле одобрени од филипинската влада за употреба на летови и иницирале пробна употреба на униформите при неодамнешните летови за враќање на своите државјани, но сеуште не е утврдено дали ќе се користат при редовни комерцијални летови, во очекување се понатамошни проценки за дизајнот.
Инаку, AirAsia најави дека наскоро ќе ги продолжи домашните летови во Малезија почнувајќи од среда (29.04), како и до Тајланд (1 мај), Индија (4 мај), Индонезија (7 мај) и Филипини (16 мај).
Со слични униформи за кабинскиот екипаж се појави и авиокомпанијата “Philippine Airlines”. Овие униформи се дело на модниот дизајнер Edwin Tan и овозможуваат заштита, удобност и функционалност за екипажот да ги извршува своите должности. Униформата е во боите на авиокомпанијата, кои воедно се бои и на филипинското знаме.

