Пред да отидеме на Сејшели, мислевме дека се купче острови за разгалени богаташи, кои се кријат од папараци во скапи хотели. Нo, сега сум среќна што им дадовме шанса. Кога луѓето велат дека тоа е рај на Земјата – верувајте им, затоа што навистина е! Совршена природа, убав амбиент и одлична тропска клима, која ја сакаме.

Период на посета: Поминавме една цела недела во Декември и ја славевме новогодишната ноќ на островот Мahe.

Временски услови: Иако Декември е вообичаено дождлив месец, воопшто не врнеше дожд. Претежно беше облачно, но пријатно и топло, совршено за крај на годината.

Сместување: Се сместивме во хотелот “Treasure Cove” кој имаше одлична, прифатлива цена за тоа што го нуди. Лоциран на крај од улица, на мирна локација, со одлична услуга, сите соби имаат поглед кон океанот и има автобуска станица веднаш до хотелот. Има и мал “бесконечен” базен. Исто така, тука може да се сместите и во изнајмена куќа или апартман.

Импресии или зошто треба да ги посетите Сејшели: Маhe е најголем остров на Сејшелите , каде се наоѓа и главниот град – Викторија. Тој е најнаселен и преполн, иако не може да забележите на прв поглед – плажите и рестораните никогаш не се преполни. Природата овде е неверојатна – се’ е зелено, овошни дрвца има насекаде околу вас, можете да јадете манго додека чекате автобус и да уживате на плажа со папаја и кокос, купени од локалните пазари. Локалното население се многу фини луѓе и пријателски расположени. Сите изгледаат безгрижно, па така честа глетка е луѓе собрани во поголеми групи на плажа, како танцуваат и пијат рум. Сејшели се безбедни, има обезбедување пред секој поголем хотелски комплекс, но тоа обезбедување е за богатите туристи и на овој остров тоа не може да се забележи. Плажите се како wallpaper на компјутер, а океанот е чист и топол, со бранови кои се карактеристични за периодот кога ние бевме таму. Локалната храна се заснова на морска храна и различни видови на тропско овошје. Иако ние не сме големи љубители на морска храна, пробавме и воопшто не зажаливме. Па така, може да препорачаме октопод во кари, туна на скара со креол сос и други локални зачини. Климата е совршена и скоро никогаш не е над 30 или под 22 Целзиусови степени.

Што да посетите: Изнајмете бротче и посетете ги малите острови околу Маhе. Ние го посетивме островот Тереза, кој беше спектакуларен. Во цената беше вклучен и ручек на островот – скара направена од локалното население и ја добивате да ја јадете на плажа.

Исто така, најмивме локален водич за тура низ остовот, сметајќи дека тоа е најдобар начин да се запознаеме со островот, историјата, традицијата и да го видиме најдоброто од него во еден ден. Секогаш е убаво да се разговара со локалното население, а нашиот водич Стивен беше многу љубезен. Нуркање во морскиот парк Port Launay е задолжително кога веќе сте на Сејшели, бидејќи морскиот свет во овој дел на Индискиот океан е многу разнобоен.

Плажи на островот Mahe: Beau Vallon е најголема и најтуристичка плажа на островот. Има природни сенки од дрвја и вреди да се помине денот овде. Постојат и убави ресторани, но може да ја пробате и храната и овошјето од локалниот пазар, каде што може да јадете евтина, но вкусна храна. Рестораните се поскапа опција и ручек за двајца со чаша вино чини најмалку 50 евра. До плажата Anse Major се стигнува со со едночасовно пешачење низ шума. Се препорачува да се оди рано наутро и да се вратите до 17 часот, пред да се стемни. Патеката по која се стигнува до оваа плажа има многу убави погледи кон околината, а патувањето до неа вреди кога ќе ја видите плажата.

Плажи на островот Praslin: Поминавме еден цел ден на овој неверојатно убав остров. Anse Lazio е секогаш на врвот на топ листите на најубави плажи во светот, и навистина е така. Од нашето искуство, ве остава со подотворена уста. Бевме многу возбудени што конечно сме тука и нашиот апарат за фотографирање беше нон стоп вклучен, затоа што оваа убавина не се доловува со зборови, една фотографија вреди повеќе од 1000 зборови!На плажата La Digue фативме осека, водата веќе беше доста повлечена и не можевме да пливаме во океанот, но затоа се дружевме со гигантски желки кои живеат тука.

Движење низ островот: Moжете да изнајмите автомобил, но бидете внимателни – возат на левата страна од патот, бидејќи биле британска колонија. Изнајмување на автомобил чини околу 40 евра на ден. Но, ако сакате да ги искусите локалните навики, изберете локални автобуси кои се многу точни и евтини.

Ако сте на меден месец на Сејшелите – разгалете се со совршена романтична фотосесија , зашто да не ?!? Ние имавме фотосесија на плажата Sunset, на северниот дел на Mahe, која е како создадена за фотосесии и каде имате приватност.

Опуштете се, ослободете го вашиот ум од секојдневните грижи, дишете свеж воздух, уживајте во природата и бидете безгрижни додека сте на Сејшели.

Автор на текст и фотографии: Е. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон