Ако имате желба да посетите некој голем спортски, музички или културен спектакл, издвоивме неколку интересни случувања за наредната 2020 година. Обезбедување на информација за точен датум на настаните е од многу важно значење за набавка на поевтин билет и сместување во периодот додека трае настанот.

Европско првенство во ракомет за мажи

Од  10 до 26 Јануари 2020 година доколку патувате во Австрија, Шведска или Норвешка можете во живо да навивате за нашата машка ракометна репрезентација. За прв пат во историјата, ова натпреварување ќе се одржи во во три земји. Нашата репрезентација своите почетни настапи ќе ги има во Австрија, па така резервирајте си недела дена патување во Виена и бодрете го Кире Лазаров и останатите момци.

 

Модна недела во Милано

За сите љубители на модата – модната недела во Милано е вистинско доживување и задоволство. Посетете го Милано од 18 до 24 Фебруари и присуствувајте барем на еден ден од настаните на Fashion week 2020.

 

Winter music conference, Miami Music Week

За сите љубители на добрата забава и на најквалитетниот електронски звук, неизбежна локација секоја година е Мајами САД. Доколку оваа година имате намера да ги посетите Соединетите држави, обидете се тоа да биде во неделата од 16-22 март 2020 година на плажите на Мајами. Добра забава и луд провод е загарантирано.

 

Концерт на Роби Вилијамс

Доколку сте фан на музиката на Robbie Williams, а патувањето ве води кон Лас Вегас Невада, одберете си еден датум од 24.03.2020 до 04.04.2020 во Las Vegas Encore Theater, каде овој ултра популарен поп пејач ќе одржи осум концерти.

 

Тајландска Нова Година, Songkran in Thailand

Една од најинтересните традиции за славење Нова година е во Тајланд. Доколку го посетите било кој дел од оваа држава токму на 13.04.2020 да знаете дека тој ден ќе славите уште една Нова година за 2020, покрај онаа на 31.12.2019 J На тој ден, луѓето ги посетуваат локалните храмови и им нудат храна на будистичките монаси. Исто така,  сите се излезени на улица и меѓу себе се попрскуваат со вода и премачкуваат со бел прав-пудра. Сето тоа симболизира заштита од злите духови и желба за среќа и плодна наредна година.

 

Евровизија

Огромниот број на следбеници во светот го прави овој фестивал интересен за посета доколку се најдете во Ротердам во Холандија во периодот од 12мај – 16мај 2020 година, секако не заборавајте да си понесете знаменце и да го бодрите нашиот изведувач.

 

Roland Garros

Не веруваме дека има љубител на тенисот на светот, кој во периодот од  18.05 до 07.06.2020 не би сакал да биде во Париз. Затоа обезбедете билети на време и уживајте на терените во играта ,пред се на неприкосновениот на овој  grand slam – Рафаел Надал, како и на останатите двајца од големата тројка – Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ.

 

F1 Grand Prix de Monaco 2020

За сите страствени навивачи на Ферари и на Мерцедес едно од најголемо уживање е градската трка низ улиците на Монте Карло во Монако. Чувството да се биде присутен тие три дена на ова место е тешко за опишување, најдобро е адреналинот да се почувствува на лице место, па така резервирајте си  на време карти , од 21ви до 24ти Maj.

 

VELUX EHF FINAL4 2020

За сите нас последниве неколку години – најпосакувано, најрадосно, најсреќно место за викенд е германскиот град  Келн во Мај. Посетете го Келн во последниот викенд во Мај (30ти и 31ви) и бидете верни поддржувачи на нашите ракометари во Ланксес Арената. Да се надеваме дека патувањето во Келн ќе биде и оваа година како и минатите, исполнето со многу возбуда, страст, желба и успех…

 

UEFA Champions League final 2019/2020

Не постои љубител на фудбалот кој не би сакал на 30.05.2020 во 21 ч асот да биде на Олимпискиот стадион  Ататурк  во Истанбул. Сеедно кој и да игра во финалето тоа ќе биде финале на најскапата споредна работа на светот. Истанбул е најубав во Мај ,но обезбедете си билети на време за овој спектакл.

 

Wimbledon 2020

Подлога одржувана преку 130 години, гордост на Обединетото Кралство, атракција сама по себе од задолжителниот dress code во бела боја па до собиралиште на целиот џет сет, сама по себе мами токму тој период да се посети Лондон. Во 2020 година во периодот од 29 јуни до 12 јули, побарајте карти на некој од официјалните сајтови и посетете го главниот град на Велика Британија.

EXIT Festival 2020

Дваесетиот по ред најголем музички фестивал во Југоисточна европа ,кој се одржува секоја година на Петроварадинската тврдина во Нови Сад република Србија, оваа година ќе се одржи во периодот од 9-12.јули 2020 година.

MTV Video Music Awards 2020

Една од најгледаните музички ТВ станици во светот  MTV секоја година на гламурозен и грандиозен начин на различни локации,  ги доделува  наградите за музички видеа во различни категории. Доколку се најдете во Лос Анџелес на 23ти Август, веруваме дека ќе имате незаборавна ноќ со сите ѕвезди од музичката индустрија.

Ова се само мал дел од настаните што би можеле да ги посетите во 2020.                    Ви посакуваме убаво да си поминете и некое доживување да споделите со нас. 🙂