Photo: Sergey Zolkin/Unsplash

Настанот кој се случил на 2-ри Октомври оваа година на аеродромот “Hamad international airport” во Доха во Катар го згрози светот – во еден од тоалетите на аеродромот било пронајдено новороденче фрлено во канта за отпадоци, заради што сите патнички, кои во моментот се нашле на аеродромот, биле приморани на медицински преглед, за да се утврди дали некоја од патничките имала неодамнешно породување.

Пред да го продолжат своето патување, на жените им биле одземани пасошите и биле носени во просторија за медицински, гинеколошки преглед, без при тоа да им биде кажано зошто се приморани на прегледот. Сите жени биле преплашени, но немале избор, а во амбулантата им кажале само кратко дека е пронајдено бебе во канта и дека мора сите да ги прегледаат. Патнички од вкупно 10 летови биле опфатени со прегледот.

Photo: Jan Rosolino/Unsplash

18 жени кои биле сведоци на овој преглед на аеродромот и кои летале од Доха за Сиднеј со Qatar Airways, кога се вратиле во Австралија решиле да го пријават случајот во федералната полиција, па така за овој непријатен настан се слушна насекаде во светот.

Австралиската влада се изјасни дека ова било ужасно вознемирувачка и навредлива постапка, а случајот ќе биде детално разгледан и ќе се одлучува за следните чекори. Исто така, го повикале и катарскиот амбасадор на разговор во кој бил известен дека ќе се изработи извештај за третманот на жените.

Photo: A.Petrovska/Doha airport

Владата на Катар соопшти дека „жали за каква било вознемиреност или нарушување на личната слобода на кој било патник“ предизвикана од одлуката за спроведување на интимни медицински прегледи на жени кои транзитираат преку меѓународниот аеродром во Доха, во, како што рече, „пребарување со итно решение“ да се најде мајка на напуштено бебе.

Пронајденото женско бебе е спасено од смрт и сега е на безбедно под медицинска нега во Доха.