Угостителската дејност е една од најпогодените од пандемијата на Covid-19. Па затоа, сопствениците на рестораните ако сакаат што побрзо да започнат со работа, а при тоа да обезбедат безбедни услови за посетителите, приморани се да наоѓаат алтернативни и функционални решенија.

Според ова се водел и сопственикот на ресторанот “Mediamatic ETEN” во Амстердам, кој верува дека нашол решение со кое ќе привлече посетители, каде тие ќе се чувствуваат безбедно.

Ресторанот изработил карантински стакларници во чија внатрешност има по една маса за двајца посетители, идеално за двајца кои живеат заедно. Засега имаат вакви пет стакларници. Дополнително, келнерите при послужување на храната носат ракавици и штитови/визири на лицето, за да се намали ризикот од инфекција со вирусот.

За првпат пробно ги отвориле овие карантински стакларници на 5-ти Мај, за роднини и пријатели на вработените во ресторанот, а планираат да ги отворат за поширока јавност на 21-ви Мај, но сеуште чекаат одобрување за користење од одговорните власти.

Луѓе кои го посетиле ресторанот и имале оброк во овие стакларници имаат пофални зборови за истите: “Навистина е убаво и пријатно внатре, а храната е вкусна.”- изјавила Јанита Вермеулен за “Ројтерс”.

Сите претстојни резервации се распродадени, се вели на веб странaта на ресторанот.