Северен Сибир е најстудениот предел на оваа планета. Ојмјакон е најстуденото село, а Јакутск е најстудениот град во светот. Меѓусебно се оддалечени 3 часа патување со автомобил, а од главниот град на Русија, Москва се оддалечени околу 5.300 км.

Најниската температура која била измерена во Ојмјакон е – 71,2 Целзиусови степени, а во Јакутск официјално најниска измерена температура е измерена во 1931 година и тоа – 64,4 степени.

Овде просечната температура е – 40 степени, зимата трае осум месеци, а највисоката температура во лето која е измерена е 25 Целзиусови степени.

Училиштата се затвараат само кога температурата ќе падне под -50 степени, а нормално се функционира секојдневно на – 40.

Ретко може да се сретнат луѓе по улиците на Јакутск во зима, бидејќи сите брзаат да отидат од едно до друго затоплено место.

Трепките на жителите смрзнуваат во моментот кога ќе излезат надвор.

Моторите на автомобилите најчесто ги оставаат да работат во текот на целата ноќ, за секој случај , да не ризикуваат на -50 степени повеќе никогаш да не може да ги активираат во возна состојба.

Јакутск се развил во 19-от век, по откривањето на злато и дијаманти под замрзнатата земја, 20% од светското производство на дијаманти доаѓа токму од ова место. Според последниот попис, во градот живеат околу 270.000 жители.

Жителите на Јакутск се занимаваат со одгледување на зајаци, лисици и ирваси, од чија кожа изработуваат топла облека: палта, капи и чевли.