Бахамите се рај на земјата за луѓето, но и за дивите свињи. На пустиот остров Еxuma живеат околу 20-тина диви свињи, кои уживаат на плажа која веќе е крстена по нив – Pig Beach (Плажа на свињи) и безгрижно пливаат во кристално чистата морска вода.
Не се знае точно како дивите свињи пристигнале на овој ненаселен остров, има повеќе верзии: Ги оставила група на морнари кои планирале подоцна да се вратат на островот и да ги користат за исхрана или пак биле жртви на бродолом, па успеале да се спасат пливајќи до овој остров и третата, најверојатно и најреална верзија – дека тука се оставени како маркетиншки трик за да привлечат туристи.
И навистина, овие слатки, диви свињи привлекуваат голем број на туристи, кои специјално доаѓаат на овој остров за да пливаат и да се сликаат со нив, на една од најубавите плажи во светот.
И бидејќи ова се најпопуларните свињи во светот, кои редовно се појавуваат во многу реклами, телевизиски емисии, списанија, книги и на безброј видеа и селфиња со туристи, властите на Бахами мораа да воведат правила за туристите кои ги посетуваат. Па така, забрането е свињите да се хранат со одредени продукти, како што се пиво и рум. Пред две години, угинале третина од свињите на островот и се верувало дека настрадале од многу алкохолни пијалоци кои им ги давале туристите. Но, подоцна е утврдено дека угинале затоа што имале изедено премногу песок. По ова, поставени се специјални корита во кои им се остава храната за да не се меша со песокот.
До оваа плажа се стигнува со брод од главниот остров Great Exuma.