Дом на античките храмови и Наро – Агриџенто е провинција на јужниот брег на Сицилија, позната по Долината на античките храмови. Агриџенто исто така е една од најважните туристички дестинации на Сицилија. Овој дел на Сицилија е мешавина од грчката и италијанската култура, за мене совршено место за посета бидејќи сум љубител и на двете, добро малку повеќе на италијанската.

Што треба да посетиме доколку се најдеме намерно или пак ненамерно во Агриџенто? Уф, па листата е поприлично долга, но ќе се обидам да ги одвојам оние места кои мене ми се фаворити.

Да почнам од Долината на Храмовите (Valley of Temples) , нешто што ниту во еден случај не смее да се заобиколи. Долината е поделена во две зони, источна и западна. Храмот на Херкулес (The Temple of Hercules /Тempio di Eracle ) е изграден кон крајот на 6 век п.н.е. во архаичен Дорски (Doric) стил и се наоѓа на ридот на храмовите.

На источната страна сеуште стојат делови од големиот олтар на храмот. Храмот на Конкордија (Temple of Concordia / Tempio della Concordia) е со мошне импресивна големина и е еден од најдобро зачуваните грчки храмови, особено во дорскиот ред. Изграден е во 440 – 430 год п.н.е.  Храмот на Јунона (The Temple of Juno / Tempio di Giunone ) уште познат и како Храмот Д на античкиот град Akragas, изграден е околу 450 година п.н.е. во архајски дорски стил.

Катедралата на Via Duomo во стариот дел од градот исто така едно од местата кои мора да се посетат, бидејќи нејзината архотектура е навистина прекрасна, а погледот кој го нуди на целата долина е неверојатен.

Via Atena е уличка во центарот на стариот дел од градот исполнета со безброј мали продавнички од двете страни во кои ќе најдете интересни сувенири и во која ќе го доживеете во целост духот на локалниот начин на живот.

Доколку сте љубители на традиционалната храна, локаните кафулиња, барови и ресторани ќе ви го овозможат тоа за нормална, прифатлива цена, а се што ќе пробате е вкусно и секогаш свежо. Канолите (Canolli) се нешто што мора да се проба. Едно од највкусните благи работи што сум ги пробала во мојов живот.

Во провинцијата Агриџенто има уште два важни градови, Licata и Naro. Ќе го издвојам Наро (Naro) , бидеќи е познат по добро сочуваните катакомби (пешери за погреб), црквата Сан Франческо (Chiesa di San Francesco), Катедралата Норман (Il Duomo Normanno), внатрешноста на Chiesa del Santissimo Salvator, Светилиштето на Сан Калоджеро, Црквата на Свети Августин, Palazzo Gaetani, Palazzo Malfitano, Palazzo Morillo, Palazzo Destro (PND), градската библиотека…. нормално да не ги спомнувам уличките, кои имаат посебен шмек.

Сепак, нели одмор не е одмор ако не ја намокриме малку кожата со морска вода. Scala dei Turchi е интересно и несекојдневно место на кое нема да останете рамнодушни.

Со еден збор, ова е совршено место за тие што сакаат да чекорат по историјата и да мечтаат каков бил светот тогаш.

п.с. Сите сакаат да ѕирнат на секунда во иднината, а јас сакам во минатото.

Автор : Ц.С

Сите нејзини нови авантури може да ги следите на инстаграм профилот:

https://instagram.com/caci.vader.yordan?igshid=17jisy5nmyhw5

 

Во рубриката СПОДЕЛИ ДОЖИВУВАЊА сме отворени за споделување на авторски текстови на наши читатели кои сакаат да споделат впечатоци од нивна посета на место кое им оставило посебен впечаток, при што во објавениот текст – по желба на авторот на текстот , се објавува неговиот Инстаграм профил , на кој може да се следат сите негови наредни патувања.